Порака од Деканот Печати Е-пошта

Драги студенти,

 

Факултетот за администрација и менаџмент на информациски системи ја остварува својата образовна и научно-истражувачка дејност во две области – администрација и менаџмент на информациски системи. Во рамките на овие области Факултетот нуди пет студиски програми чии вредности се дефинирани во факултетската мисија која што се состои во генерирање на знаења, способности и вештини за студентите кои ќе се профилираат во успешни менаџери на информациски системи, проектни менаџери и администратори со политички, правни и организациски компетенции што гарантираат успешна професионална кариера.

Изборот на видот на факултетско образование е најзначајната одлука за секој човек кој сериозно размислува за својата иднина. Секој млад човек со право си го поставува прашањето каде да го продолжи своето академско образование? Изборот, по правило, се прави врз основа на студиската програмска понуда и квалитетот на наставниот кадар.

Студиските програми на ФАМИС го содржат најдоброто знаење од европскиот образовен систем согласно Болоњската декларација кое го презентираат академски кадри со огромно професионално искуство. Студиските програми во областа на менаџментот на информациски системи (Менаџмент на информациски системи, Инжeнерство и менаџмент на софтверски апликации и Информациски системи во здравство) се засновани врз изучување на менаџерски, информациски и компјутерски дисциплини коишто ќе ви овозможат успешно да го практицирате менаџментот преку користење на информатика и компјутери во организациите од приватниот и јавниот сектор.

Студентите кои ќе дипломираат на оваа област ќе се стекнат со специјализирани профил со заокружено знаење подготвени да менаџираат со информациските, човечките и финансиските ресурси во приватните и јавните организации, во сопствени фирми и консултантски агенции. Добиените квалификации ќе ги оспособат за истражување, анализи и компјутерска обработка на податоци,  графичко дизајнирање на web страни, изработка на софтверски програми за маркетинг менаџмент, финансиски менаџмент, менаџмент со човечки ресурси и слично.

Разбирањето на процесот на менаџмент комбинирано со потребните компјутерски вештини и способности ќе им овозможи на дипломираните студенти сигурно да зачекорат во светот на бизнисот и успешно да менаџираат и со предизвиците во организациите во јавниот сектор.

Студиската програма по Европски интеграции и менаџирање на европски проекти  профилира кадри кои ќе го помогнат процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ преку следење на отворените можности за пристап до различни европски фондови, програми и менаџирање со проекти.

Студентите кои ќе дипломираат на оваа студиска програма ќе се стекнат со специјализирани профил на знаење и способности подготвени да работат како проектни менаџери во државни и јавни институции, фондови, влада, министерства, приватни претпријатија, во сопствени консултантски фирми и агенции и друго. За постигнување на овие резултати посветено работат 28 реномирани професори, доценти и асистенти и административен персонал вработени на Факултетот, а во процесот се вклучени професори со огромно искуство од универзитетите од Македонија и од странски универзитети.

Вашиот избор и довербата што ќе ни ја дадете, за нас, претставува обврска и грижа за вашето стручно академско оспособување во препознатливи кадри кои, со своето знаење, способности и вештини ќе можат успешно да се вклучат во професионалните текови на вашиот живот.

 

Проф. д-р. Виолета Пановска-Бошкоска